СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД СКАНДАЛОЗНАТА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

 

По повод скандалозниот начин на создавање двотретинско мнозинство за изгласување на Законот за Јавно обвинителство, ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА предупредува дека носењето на еден така значаен закон, на брзина, без усогласени решенија пред се со стручната јавност, говори за сериозно замешателство на политиката во судскиот и воопшто во правниот систем со про лукративни намери.

Начинот на кој се обезбеди мнозинство во Собранието за изгласување на „недоносен“ Закон за Јавно обвинителство со примена на практиката на притисоци, закани и уцени, е скандалозен и оди директно на штета на интересите на граѓаните на Република Македонија.

Конкретниот предлог на законското решение ќе предизвика сериозни последици во однос на не казнувањето на лица од врвот на актуелната, но и на претходната власт инволвирани во инкриминирани дејанија за кои постојат аудио записи во прислушуваните разговори; се создава не природна ситуација на амнестирање од криминалот на лицата за кои СЈО на сомнителен начин не сакаше, не смееше или не стигна да покрене обвиненија, а се однесува на лица етаблирани на високи позиции во власта. 

Исто така, ИНТЕГРА го поставува прашањето за обестетување на прислушуваните преку 20.000 граѓани, бидејќи постојат Уставни гаранции на државата во поглед на заштитата на корпусот човекови слободи и права кои со нелегалното прислушување се повредени и нарушени.

ИНТЕГРА цени дека единствениот начин за стаменито владеење на правото и за суштинска независност на судството е воведување на непартизиран, политички не зависен и ослободен од какви било стеги од страна на владата – министер за правда. Време е да го ослободиме правосудниот и судско обвинителскиот систем од мешање на политиката, од „менгемето на партиите и власта“, со материјален доказ за постоење на политичка волја, а тоа е со примена на ваквиот концептот кој го предлага ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА.

Од овие причини, ИНТЕГРА ги повикува пратениците да се одважат, да го отфрлат наметнатиот јарем од извршната власт и да го вратат Законот за Јавното обвинителство на доработка, согласно принципите на законитост и казнивост на сторениот криминал, во што мора да се има предвид мислењето на стручната јавност, а не на политичките елити кои прават се за да избегнат казнивост за стореното во изминатите години.