МАРИНА МАЛИШ САЗДОВСКА: Дивоградбите мора да се рушат

Со цел заштита на статусот на Охрид како светско наследство под заштита на УНЕСКО, донесени се препораки кои власта во Охрид треба да ги реализира доколку не сака Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство. И за тоа има рок до 1 февруари 2020 година. Една од главните забелешки на Комитетот за светско наследство е состојбата со дивоградбите и барањето за брза интервенција се однесува на рушењето на нелегалните градби кои имаат негативно влијание на заштитеното подрачје, како и воведување на мораториум за урбани трансформации на брегот се додека не постојат законски решенија со кои ќе се уреди оваа материја. Исто така, забелешката на УНЕСКО се однесува и на зголеменото загадување на водите во Охридско Езеро, нарушување на животната средина, неадекватен урбан развој и зголемен обем на експлоатација на брегот.

Ваквата состојба на девастација на сите екосистеми поврзани со заштитата на животната средина во Охрид е резултат на долгогодишната негрижа за животната средина и непочитување на законските норми во врска со урбанизацијата на просторот во заштитени крајбрежни зони од страна на актуелната и претходната власт. Констатирано е дека има 409 објекти кои се дивоградби, а се на локации кои претставуваат заштитено подрачје на УНЕСКО. За оваа активност градоначалникот на општина Охрид бара помош од државата.

Во Охрид не претставува проблем само заштитата на животната средина, туку и просторното планирање и градежните зафати кои не се во согасност со одобренијата за градба. Имено изградбата на минарето на Али пашината џамија не е согласно градежната документација. Се чинат безполезни протестите на граѓаните за почитување на законските решенија, власта и понатаму останува глува за барањата на граѓаните за заштита на културното наследство, како и за санкционирање на лицата кои не го почитуваат законот.

Истовремено во собраниска процедура е и Предлог закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, во кој се наведува дека една од целите е и ,,спречување активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион,,. Во однос на финансиските импликации за законот се предвидуваат и ,,дополнителни финансиски средства во износ од 840.000,00 денари како надомест за работата на претседателот, замениците на претседателот и членовите на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културното наследство во Охридскиот регион и други трошоци поврзани со едногодишната работа на Советот за Охридскиот регион,,. Со предлог законот се предлага управувањето во Охридскиот регион да се реализира со донесување на акциски план, план за мониторинг, утврдување на инспекциски надзор и сл. Исто така се утврдува и глоба за прекршочна одговорност во износ од 6 000 евра во денарска противвредност за правно лице ако управува со природното и културното наследство во Охридскиот регион на начин и во мера спротивно на она што е утврдено во Планот за управување; глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичкото лице. Се надеваме дека предвидената сума за хонорари на членовите на Советот за следење и координација ќе биде доволен поттик за сериозно пристапување кон заштитата на овој регион, како и дека предвидените парични казни навистина ќе се применуваат со цел санкционирање на сторителите на казнивите поведенија, за разлика од досегашната пракса на неказнивост која се повеќе станува препознатлив белег на нашето општество во кое правниот систем има сериозни пропусти.

Во овој контекст може да се наведе и случајот со дивоградбите на кањонот Матка кој е споменик на природата и заштитено подрачје од трета категорија. Се поставува прашање зошто надлежните органи не преземат конкретни чекори за отстранување на платформата која претставува нелегална градба.

Ова се само неколку случаи со кои се констатира непочитувањето на законите кои ја уредуваат областа на заштитата на животната средина и природата, и затоа апелираме да се пристапи кон задолжително рушење на дивоградбите, како и преземање на други мерки кои се потребни за зачувување на природното и културно богатство на Македонија.

Македонското национално законодавство во Кривичниот законик во глава XXII во која се уредува областа на заштита на животната средина и природата пропишува член 225 кој се однесува на узурпација на недвижности. Овој член предвидува дека тој кој што со намера на владение ќе заземе туѓа недвижност што со пропис е прогласена за имот во општа употреба, споменик на културата, природна реткост или друго природно богатство, ќе се казни со парична казна или со казна затвор. Ова и другите кривични дела кои се однесуваат на непочитување на животната средина и природа, се правен основ за криминалистички истраги и ги повикуваме актуелните власти да не применуваат селективна правда, туку да се пристапи кон сите сторители на прекршоци и кривични дела од оваа област, и истите да се санкционираат согласно позитивното законодавство во земјата.

Проф д-р Марина Малиш Саздовска,

потпретседател на ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија и

експерт од областа на еколошка криминалистика