Покана за прес и соопштение до јавноста по повод недобивање на датум

Ве покануваме да присуствувате на прес конференција на ИНТЕГРА по повод негативната одлука на Европскиот совет за определување на датум за отпочнување на преговоритете за членство. Пресот ќе се оддржи утре (недела) 20 октомври 2019, со почеток во 12:00ч во просториите на ИНТЕГРА – Македонска Конзервативна Партија

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Катастрофалното водење на надворешната политика на Владата на Зоран Заев е заокружено со суровата реалност демонстрирана од одлуката на Европската Унија да не и додели датум на Република Македонија за почеток на преговорите за членство. Секое префрлање на одговорноста кон околностите и политиките на ЕУ значи ефтино алиби кое ја покрива неспособноста на дипломатската гарнитура на Заев.

ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија смета дека веднаш и денес се потребни оставки на Зоран Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и целиот тим кој ја доведе македонската европска иднина од скептицизам до утопија.

ЕУ во системот на вредности кои ги застапува се темели на интегритет и достоинство на нациите и државите. Преспанскиот договор, договорот со Бугарија и Тиранската платформа и начинот на нивното имплементирање со користење на „балкански“, а не европски методи, без легитимитет и поддршка од Македонскиот народ, значат нарушување на принципот на самоопределување на народите, загрозен суверенитет и нарушен легитимитет.

Дополнително, Владата на Заев и нејзините политики претставуваат национална катаклизма во однос на реформите и реформските процеси. Преку континуирано влијание врз судската власт, тие го деградираа процесот на реформи, сведувајќи го на продолжен клиентелизам од ерата на Груевски, штитење на личните клептомански амбиции и промовирање на правна несигурност во целина.

Оттука, ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија бара:
– Оставка на Владата на Заев, формирање на надпартиска влада и распишување на предвремени парламентарни избори
– Суспендирање на проблематичните аспекти на договорите со Бугарија и Грција, кое ќе стапи на сила веднаш и без одложување
– Политичка и правна одговорност за сите кои учествуваа во процесот на нелегитимна и во процесниот дел нелегална промена на уставното име на Република Македонија
– Редефинирање на приоритетите на надворешната политика во насока на градење на стратегиски сојузи со партикуларни држави од западните прогресивни демократии, кои ќе го зацврстат членството во НАТО алијанската и ќе понудат алтернатива за трајното затворање на вратите за членство во ЕУ
– Ослободување на судскиот систем од секакви надворешни влијанија преку процес на ветинг, но и зајакнување на позициите на судиите и обвинителството, со цел брзо и ефикасно процесуирање на мега-корупциските скандали во кои се вмешани високи политичари
– Демократизирање на медиумскиот простор, преку ослободување од монополот кој го имаат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и нивните „експерти“ и обезбедување на еднакви услови за рамноправна застапеност на сите политички субјекти и независната научна и експертска јавност

Македонскиот народ и сите граѓани заслужуваат реална надеж за иднина и просперитет!
Република Македонија заслужува подобро!

ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА