fbpx

Follow us:

a

Етички кодекс

Eтички кодекс

Пишувањето на овој документ се случува во време кога македонскиот народ ја има изгубено довербата во своите политичари.

За да се промени таквата слика, потребно е ново политичко движење кое ќе биде поставено на цврсти и здрави темели.

Од тие причини, ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА во своите темели вградува високи морални вредности и дел од резултатот на таквата заложба е и овој етички кодекс.

ИНТЕГРА е првата партија во Македонија која има независен етички совет со високи овластувања кои се загарантирани со статутот и кои го вклучуваат правото на свикување на партиски референдум со можност за електронско гласање на сите членови.

Со таквиот демократски и иновативен пристап кон моралот и политичката етика, создадени се услови овој документ да се спроведува континуирано во дело и да не се дозволи да остане само мртов текст на хартија.

Вовед

Eтичкиот кодекс е наменет за сите луѓе без разлика на возраст, професија, степен на образование и политичка припадност.

Покрај искуството и разумот, при пишувањето на овој кодекс не случајно го користевме и нашето срце. Се надеваме дека ќе го заинтригираме вашиот ум и истовремено ќе допреме и до вашето срце.

Нашата политичка сцена не се соочува со недостаток на искусни и паметни луѓе. Тоа што недостасува се вредности како: ​правичност​, ​искреност​, ​љубов, добрина, доблесност​ ​и интегритет​.

За да ги развиваме таквите вредности, мора да внимаваме на негативните тенденции кои ги има во секој од нас како: ​среброљубие (алчност), сластољубие (телесни задоволства) и славољубие (суетност)​ и истовремено да имаме и ​големо срце​, ​силна волја​ ​и​ ​многу храброст​.

Зашто плодот на светлината се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито – одлучете се за она што Му е мило на Бога! (Ефесјаните​ ​5:9-10​) Политичка етика

Името на ИНТЕГРА доаѓа од зборот Интегритет.

Луѓето со интегритет го говорат тоа што го мислат и го прават тоа што го говорат. Тие исто така имаат и доволно квалитети и доблести за правилно да размислуваат и да делуваат во интерес на општото добро.

Политичката етика во ИНТЕГРА се применува за остварување на следните цели:

● Морална и етичка едукација;

● Давање на насоки за размислување и делување во интерес на општото добро;

● Разрешување на морални и етички дилеми при носењето и спроведувањето на одлуки;

● Развивање на политички систем кој го поттикнува и го помага унапредувањето на личниот интегритет;

● Избор на луѓе со интегритет на соодветни политички и државни функции;

За остварување на нашите цели, тргнуваме од следните вредности како основа за политичката етика:

ВИСТИНА

● ПРАВИЧНОСТ

● НЕНАСИЛСТВО

● ЉУБОВ

● СЛОБОДА

● ЕДНАКВОСТ

Вистината​ ​е неопходна за искрена комуникација при одлучувањето што е ​правично​. Потребно е трпение за спроведување на договореното​ ​без примена на насилство​. Треба да имаме ​пожртвувана љубов​ ​за сите и да им овозможиме ​еднаква слобода​ за остварување и уживање на своите права.

Вистина Често се јавува дилемата дали е можно да се биде политичар без да се лаже?

Ако политиката е доблесна професија, тогаш и политичарот треба да се држи до вистината како доблест. Вистината нѐ доближува до Бога и до Божјата правда.

ИНТЕГРА е конзервативна партија во која се промовираат вистински вредности и ние не одговараме само пред човечките туку најпрво пред ​Божјите закони.

Целта не смее да ги оправдува средствата и мора да се грижиме за чистотата на својата душа.

Покрај искреност, вистината подразбира и ​транспарентност​. Тоа значи дека треба да се трудиме колку што е можно повеќе да ги образложуваме аргументите, размислувањата и околностите кои довеле до секоја наша одлука и дело. Зголемената транспарентност придонесува кон ​градење на доверба​ ​и не остава простор за сомнеж и за злонамерни или погрешни толкувања кои ги доведуваат другите во заблуда.
Правичност Правичноста е поширока димензија од правдата. Правдата се однесува на почитување на уставот, законите и останатите правни регулативи.

Правичноста подразбира правилно постапување во секоја дадена ситуација без разлика дали постои соодветна правна регулатива која одредува што е дозволено, а што не е.

Затоа правичноста го надминува правото и секогаш треба да размислуваме што е правилно т.е. како е морално и етички да постапиме.

Ние сме повикани да се одвратиме од дела кои носат смрт и да се трансформираме во нов живот (метаноја).

Ние мора да олицетворуваме “трансформативна духовност” која повторно нѐ поврзува со другите, нѐ мотивира да му служиме на општото добро, се спротивставува на негативностите што уништуваат животи и нè инспирира да откриваме иновативни алтернативи.

Овој етички кодекс содржи одредени насоки кои треба да ни помогнат да бидеме што поправични во своето политичко дејствување.

Ненасилство Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено. (​​Римјаните​ ​12:2​)​​
Кога се споменува зборот насилство, луѓето често мислат дека се зборува само за физичкиот аспект.

Мора да сфатиме дека насилството не се манифестира само на физичко ниво. Тоа може да се јави и како ​вербално насилство​, преку ​клеветење ​или ​нанесување на неправда​ без воопшто да имаме било каков контакт со оној кој што го повредуваме со нашите одлуки или постапки.

Луѓето најчесто се повредуваат во меѓусебната комуникација преку директни​ лични навреди​, но и преку други многу посуптилни начини кои предизвикуваат ​негативни емоции кај соговорникот​. Затоа мора да развиваме култура на ​ненасилна комуникација​ ​и да ја развиваме сопствената емоционална интелигенција​ за да бидеме свесни како нашиот начин на изразување делува на другите луѓе.

Љубов

Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. (Јован 13,34)

Еден од најблагородните пориви за вклучување во политика е ​љубовта кој својата земја и својот народ​. Доколку некој токму од такви побуди се вклучи во политика, има голема веројатност да биде добар политичар.

Како што родителите ги сакаат своите деца, им го мислат најдоброто и се жртвуваат за нив, така треба и секој политичар да се однесува кон својот народ.

Слобода

Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. (​​Галатјаните​ ​5:13​)
Сите сакаме да уживаме што е можно поголема слобода. Сакаме помалку законски правила, помалку казни, помалку контроли и т.н.

ИНТЕГРА промовира конзервативна идеологија според либертаријанскиот модел кој што подразбира максимална слобода на индивидуата сѐ додека тоа не ја нарушува слободата на другите​.
Сепак не смееме да го заборавиме и конзервативниот аспект кој што подразбира воздржување од мисли и дејствија кои се во спротивност со безвремените вредности и доблести. Тоа значи дека треба да внимаваме да не ја злоупотребуваме слободата која ни е дадена и притоа да ја повредиме сопствената душа.

Слободата е привилегија, но во исто време носи и многу голема одговорност. Затоа треба многу внимателно да ја уживаме.

Исто така, мора будно да ги следиме сопствените мисли, зборови и дела за да не им ја одземаме слободата на другите.

Еднаквост Еднаквоста е загарантирана со уставот и законите, но често изостанува нејзината правилна примена, а понекогаш и самата правна регулатива не ги покрива сите можни ситуации во кои поединците може да се соочат со нееднаков третман.

За сите луѓе во едно општество да бидат вистински еднакви, потребно е сите што е можно повеќе да ги развиваме и практикуваме правичноста и љубовта.

Доколку сме правични, тогаш сите ќе ги третираме еднакво, а доколку имаме и љубов за сите наши сограѓани, тогаш таквото однесување ќе ни доаѓа и многу природно без да вложуваме некој посебен напор.

1. Етички насоки за партиски членови

1. Како член на ИНТЕГРА, треба да бидете пример за другите преку активно учество во јавни расправи, волонтерски акции и други активности кои се во интерес на општото добро.

2. Треба активно да ја следите работата на партијата и на сите нејзини членови и органи. Секоја забелешка, критика или предлог треба да ја споделите со вашите колеги или да ја доставите до соодветните партиски тела.

3. Не треба да ширите страв и вознемиреност за да постигнете одредена цел.

4. Доколку слушнете некоја гласина за партијата или било кој нејзин орган, член или функционер, нема да ја ширите таа гласина понатаму туку ќе ја пријавите (може и анонимно) кај етичкиот совет или друг партиски орган за да се провери дали има вистина во тоа.

5. Ако некој член на ИНТЕГРА постапи спротивно со насоките од овој кодекс, ваша обврска е тоа да го пријавите кај етичкиот совет (може и анонимно).

6. Не треба да очекувате и да барате привилегии кога станува збор за користење на јавните добра во кои спаѓа и секое работно место во јавните институции.

7. Треба вредно да работите и да се трудите вие и вашето семејство да бидете финансиски независни за да не се доведете во ситуација да барате од партијата привилегии за вработување во државна и јавна администрација. Доколку ви е потребна помош, тоа може да биде во форма на совети и обуки обезбедени преку партиски фондови и тела.

8. Ваша обврска како државјани на Македонија е постојано да работите на унапредување на своето образование и вештини. Само со силни поединци може да направиме силна партија како и силна држава.

9. Не смеете да барате привилегии во односот на институциите кон приватните бизниси кои се во ваша лична или во сопственост на ваши роднини или блиски пријатели.

10.При секоја изјава и јавен настап треба будно да внимавате да не употребувате навреди, закани и друг вид на вербално насилство. Нашите политички неистомисленици се наши браќа и сестри на кои треба да им помогнеме да ги согледаат своите грешки и да станат подобри луѓе.

11.Не треба да ги навредувате политичките противници, па дури и кога зборувате за нивните грешки тоа треба да биде направено со почит кон личниот интегритет на другиот.

12.Не треба лажно да ги обвинувате политичките противници и неистомисленици.

13.Не треба да се служите со лични дисквалификации на политичкиот противник и навреди на лична на основа.

2. Eтички насоки за партиски и државни функционери

1. Не треба да давате лажни ветувања.

2. Треба да ја консултирате експертската и пошироката јавност за да проверувате дали раководите со државните институции и ресурси во согласност со желбите и очекувањата на својот народ.

3. Не треба неаргументирано да лобирате за вие или било кој друг да биде избран на одредена партиска или државна функција. Лобирањето може да се прави само доколку е поткрепено со издржани аргументи.

4. Доколку при носењето на некоја одлука имате конфликт на интереси, мора тоа да го кажете и да се изземеме од гласањето што не значи дека не треба да дадете свои аргументи во дискусијата.

5. Иако внимателно и со дипломатски речник, сепак треба да ги признавате сопствените како и грешките на органите и другите членови на партијата.

6. Во случај на јавно признавање на некоја грешка, треба да ги наведете и чекорите кои вие или партијата ги превзема за истата да не се повтори.

7. Македонија не е богата држава и не смеете да ги заборавате нашите сограѓани кои имаат финансиски потешкотии. Тоа треба да го имате во предвид при секоја мала или голема одлука за трошење на државни пари и други добра. Морате рационално да ги користите сите ресурси и да планирате одржлив развој.

8. Не смеете да ги користите државните ресурси (телефон, возило, …) за приватни или партиски цели. Сите плати и трошоци за државните функции ги плаќа народот и вие немате право да го злоупотребувате тоа што е обезбедено преку чесната и макотрпна работа на сите ваши сограѓани.

9. Не смеете да заборавате дека јавните функционери не се сопственици на јавните претпријатија туку само нивни привремени менаџери. Народот е сопственикот и затоа треба редовно и јавно да се дава отчет за сработеното, но и за сите проблеми и ризици со кои се соочуваме.

10.Доколку вие, ваш роднина или близок пријател е кандидат (лично или со фирма во која има сопственост) на било каков јавен конкурс, тендер или јавна набавка, мора за тоа уште при самото аплицирање да ја известите како партијата така и целата јавност и да побарате процедурата за избор да се одвива со зголемен степен на транспарентност, а доколку има таква законска можност, при изборот да биде консултирана и дополнителна непартиска комисија за да се отфрли секаков сомнеж за евентуална злоупотреба на вашата партиска или државна функција.

11.Никогаш немојте да сведочите против ваш близок роднина. Семејството е темел на државата и не смеете да ги нарушите вашите внатрешни семејни односи.

12.Доколку дел од вашите обврски е и надгледување на работата на член од вашето потесно семејство, мора веднаш за тоа да ги известите партиските органи за да се направи реорганизација и некој друг да ја превземе таквата обврска.

13.Ако се случи некој ваш семеен член да направи грешка која е поголема или со посериозни последици, најдобро е да го советувате да се откаже од својата функција барем 6 месеци и повторно да прифати следна функција откако доволно и искрено ќе се покае за своите постапки.

14.За секое трошење треба да се приложи фотокопија или скенирана верзија од фискална сметка или (про)фактура. Доколку корисници на услугите биле повеќе лица, треба да се наведат сите со име, презиме и функција, а доколку некое име е тајна, тогаш треба да се наведе само функцијата. Административната служба е должна да ги внеси во партискиот систем сите
трошоци одделно по ставки за доколку се надминати одредени ограничувања, за тоа да бидете известени и да внимавате во иднина.

3. Eтички насоки за партиски тела

1. Начинот на носење на одлуки треба да биде во согласност со статутот и останатите усвоени критериуми и процедури.

2. Донесените одлуки треба да бидат во согласност со партиската идеологија.

Завршни зборови

Овој етички кодекс не може да ги опфати сите ситуации кои доведуваат до можност за неетичко однесување.
Затоа, постојано имајте ги предвид основните морални вредности од овој етички кодекс (​вистина, правичност, ненасилство, љубов, слобода ​и ​еднаквост​) и постојано преиспитувајте ги своите мисли, зборови и дела за да проверите дали се во согласност со нив.

Доколку се соочувате со морални или етички дилеми, побарајте мислење од етичкиот совет.

______________________________________________________________

09 Март, 2020 година

ЕТИЧКИ СОВЕТ на ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА

es@integra.org.mk

ИНТЕГРА

МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА

Ул. Даме Груев 16-3/1
ДТЦ Палома бјанка
1000 Скопје, Македонија
Тел: +389 02 3155020 | +389 02 3110885 | +389 70 755 215
contact@integra.org.mk
Работно време: 09AM – 5PM

 

Follow us: