СТАТУТ на ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА*
ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА, скратено име ИНТЕГРА, (во понатамошниот текст ИНТЕГРА) е политичка партија, која делува на територијата на Република Северна Македонија, во која во согласност со Програмата, Статутот и другите општи акти на партијата на доброволна основа членуваат лица кои се полнолетни државјани.
Име за меѓународна коресподенција англиски превод е:
INTEGRA – MACEDONIAN CONSERVATIVE PARTY.
Член 2
ИНТЕГРА има партиски атрибути и партиски симболи.
Партиските атрибути се:
∙ Територијата на која делува партијата;
* (На целата територија на Република Северна Македонија) ∙ Членовите на партијата;
* (Објаснето во Член. 8 од овој Статут и нивните права и обврски во членовите 10 и 11 од овој Статут).
∙ Органите на партијата
* (Наведени и дефинирани во Член. 14 од овој Статут)
Партиските симболи се:
∙ Знаме на партијата
∙ Грб на партијата
∙ Химна на партијата
– Знаме на партијата
*Правоаголна Форма на која во две бои крем и бордо црвена се наоѓа профил на човек кој ја симболизира индивидуата, со насочен поглед кон ѕвезда Деница, како симбол на безвремената потреба на секој поединец за слобода и раѓањето на нешто ново.
– Грб на Партијата
Грбот е дизајнерски стилизирана реплика на Пајонската монета*. Осумкракото сонце е стилизирана претстава на Тронот Господов од Езекиел 10:9-14 (Библија, Стар Завет), каде се опишани херувимите со четирите тркала и едно во средина кое како да е во сите четири. Едното од лицата на херувимите е лавовско. Лавот и сонцето се традиционални македонски симболи.
*Пајонска монета од бронза (278-250 п.н.е. во време на владетелот Леон) од нумизматичката колекција на НБРМ – Стилизирана глава и тело од лав, модерно дизајниран, свртен наназад спрема сонце во округла форма, преточена во современо графички дизајнирано решение.
– Химна на партијата: `Мајко Македонијо`
Член 3
Партијата има седиште во Скопје на улица Јабланица 101 А.
Член 4
ИНТЕГРА има печат во округли облик на кој со кирилични букви пишува „ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА – Скопје“.
Печати во округли облик испишани со кирилично писмо имаат и органите на партијата. На нив покрај писменото од став (1) на овој член, со кирилични букви е наведен називот на органот на партијата и неговото седиште.
Член 5
ИНТЕГРА ја застапува Претседателот на партијата –
д-р Љупчо Ристовски со Адреса на живеење: Јабланица 101 А – ЕМБГ XXXXXXXXXXXXX, издадена од МВР на РМ.
Член 5а
Лице одговорно за материјално – финансиско работење на партијата е:
– генералниот секретар Кире Миновски ЕМБГ XXXXXXXXXXXXX, со адреса на живеење: бул Јане Сандански 109/3-40, Скопје.
Член 6
Програмската визија и политичките цели на дејствување на ИНТЕГРА се:
– Македонија – во зона на т.н. “полна” демократија,
– Македонија – во кругот на просперитетните нации,
– Македонија – со двојно повисок животен стандард за два изборни циклуси,
– Македонија – општество на среќни и задоволни граѓани.
ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги има поставено следниве 9 (девет) цели како дел од проектот за регенерација на македонската нација и држава,новата политичка визија “МЕТАНОЈА”:
- Индивидуата највисоко на општественото скалило, целиот политички систем да пулсира во нејзино име и за нејзина сметка. Но, и соодветен третман на секоја личност согласно неговите можности и способности. 2. Државата и политичкиот естаблишмент да ги внесеме во “stealth mode” (невидливи за јавноста) и на политичките елити да им го симнеме ореолот на “ѕвезди”.
- Брзопотезно регенерирање на економијата со таргетирање на компонентите за просперитет: материјалното богатство и создавање на нова додадена вредност преку високи фази на финализација на производите и нови технолошки решенија, изразено преку силен раст на БДП и одржлив развој, потоа здравството и образованието; фокус на мали и средни претпријатија, целосна енергетска независност, ревитализација на македонското село, инвестициски бум во туризмот (слободни спа-зони, зони за здравствен туризам, зони за етносела, зони за модерни квартови за стари лица,); проект ЗАХЕЈ за враќање на неколкуте милијарди долари кои се изнесувани по разни дестинации во изминативе 27 години, формирање на Македонски инвестициски фонд (MAIN ‒ Macedonian Investments) и ре инвестирање на повратените средства, прво во ваучери за сите полнолетни граѓани над 18 години во висина до една третина од остварените приходи од проектот (извинување до нацијата за криминалната приватизација и бескрајната транзиција по моделот “од народот – за народот“); второ, трансформација на капиталните инвестиции, по моделот на приватно јавно партнерство во мега еквити-фондови (брза железница, хидроелектрани, соларни резервати, ветерници, брзопотезна гасификација, инфраструктурно поврзување на клучните градски центри во Македонија, нови технолошки решенија против загадувањето и други иновативни технолошки производствени решенија), како и трансформација на субвенциите во мини еквити фондови за приватно-јавно партнерство со мали и средни претпријатија, и особено во агро бизнис секторот за висока финализација на производи од храна (влучително и органска) и пијалоци, а со цел ревитализација на македонското село и диверзификација на развојот, во висина до една третина од остварените приходи од проектот; и трето, потпора на Пензискиот фонд и Фондот за здравство, а со цел финансиска консолидација и подготовка за ослободување на пазарот во овие сектори за влез на приватни осигурителни здравствени и пензиски фондови и организации.
- Иновативна реформа на здравствениот систем, со акцент врз превенцијата, која ќе имплицира создавање поволна средина потребна за одржување здрав живот и зачувување на здравјето на граѓаните на Република Македонија. Ќе следи целосна реорганизација на примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита и воведување на конкуренција во делот на финансирањето со овозможување приватни здравствени осигурителни фондови.
- Реформа на образовниот систем, со цел создавање на квалитетна младина, унапредување на наставните и на студиските програми во согласност со европските и со светските стандарди, континуирано унапредување и професионален развој на наставниот кадар и враќање на неговото достоинство, стимулација и стипендирање на талентираните ученици и студенти; унапредување на научноистражувачката дејност во функција на создавање високо концентрирано знаење, неопходно за ефективен технолошки развој и иновации.
- Нова доктрина на надворешната политика ‒ Countervail Alliance и прогредирање на влијанието во меѓународните односи (Power Enhancement Goals), па оттука ре-постулирање на основите на новиот договор со Република Грција, ресетирање на целиот процес со внесување на нова антивирус-програма за критичните точки кои се болни во ткивото, отворање нови перспективи со исчекор во билатералните одбранбени безбедносни релации со најмоќните држави од западната просперитетна хемисфера (САД, ВБ, Израел и други).
- Иновирање во делот на правниот систем и воведување на нови модели и механизми, а со цел постепено вбризгување на институти и механизми во правец кон степенуван премин од ретрибутивна правда (старозаветниот модел: око за око – заб за заб) кон реститутивна и ресторативна правда. 8. Самопрегорно и пожртвувано дејствување во процес на обнова на македонското национално единство.
- Репостулирање на вредносните основи на општествениот поредок, со инпути во морално-вредносна политичка социјализација, морална хармонизација на законодавството и морално доблесна регенерација на крвотокот на институциите на политичкиот систем (човечкиот фактор) со критериуми од вредносниот корпус (морално-вредносни принципи, доблесност и интегритет).
Член 7
Работата на ИНТЕГРА е јавна.
Начинот на дејствување на ИНТЕГРА е преку работа на органите на партијата, преку одржување на јавни собири, преку соработка со електронските и печатените медиуми, како и на други начини во согласно со закон.
Конгресот е највисокиот орган на партијата и Одлуките и насоките на Конгресот се задолжителни за сите партиски инстанции.
Член 8
ИНТЕГРА ќе практикува внатре – партиска демократија според моделот на тајно гласање со најмалку три кандидати за едно место на изборните листи, било да се работи за делегати на Конгрес, избор на членови на Централниот комитет, избор на членови на Претседателството, избор на кандидати за пратенички листи и за листи на локални избори во Советите на општините и кандидати за градоначалници, освен во условите дефинирани во член 15 а.
Критериумите за избор се: практикување на вредносни принципи, доблесност и интегритет во средините на живеење и делување, потврдени морално-етички квалитети, некомпромитираност, како и углед и авторитет во своите средини и области на делување.
ЗАЧЛЕНУВАЊЕ, ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ
НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ИНТЕГРА
Член 9
Во ИНТЕГРА може да се зачлени секој полнолетен граѓанин, кој не е член на друга политичка партија, регистрирана во Републиката. ИНТЕГРА со одлука на надлежен орган на партијата, може да има и почесни членови, кои можат да бидат членови и на друга политичка партија. За почесен член може да се избере лице кое дало значаен придонес во имплементирање на програмските определби и делувањето на ИНТЕГРА.
Член 10
На членот на ИНТЕГРА му се дава членска книшка која има форма и содржина пропишана со општите акти на партијата. Членот на ИНТЕГРА е должен да плаќа партиска членарина, чија висина ја утврдува надлежен орган на партијата.
Член 11
Членот на ИНТЕГРА ги има следните права во рамките на партијата:
∙ Да учествува во работата на партијата;
∙ Слободно да го изрази своето мислење;
∙ Да дава предлози;
∙ Да е информиран за партиските активности;
∙ Да бира и да биде биран во партиските органи и органите на власт во државата;
∙ Да гласа на партиските референдуми;
∙ Да биде биран во органите на локалната самоуправа;
∙ Да остварува други права пропишани со општите акти на партијата.
Член 12
Членовите на ИНТЕГРА ги имаат следните обврски:
∙ Да го почитува Статутот и другите општи акти на партијата; ∙ Да не го нарушува угледот на партијата;
∙ Да ги почитува одлуките на партијата;
∙ Да гласа за избор на членови во органите на партијата;
∙ Да гласа на секој партиски референдум;
∙ Да плаќа редовна членарина и прилози за партијата.
Член 13
За непочитување на партиските обврски, против член на ИНТЕГРА може да се води дисциплинска постапка и да му се изречат дисциплински мерки во согласност со актите на партијата, а по претходни насоки, соодветна постапка и согласност на Етичкиот совет.
Член 14
Членството во ИНТЕГРА може да престане со:
∙ Барање за престанок за членување во ИНТЕГРА;
∙ Исклучување од членство, а по претходна согласност на Етичкиот совет и
∙ Евентуална смрт на членот;
ВНАТРЕШНА И ТЕРИТОРИЈАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ИНТЕГРА
Член 15
- Конгрес (144+1 делегати)
– Конгресот се свикува на секои 4 години, освен во вонредни околности по потреба
- Централен комитет (72+18 по функција + 1 членови)
- Претседателство (24 + 12 членови по функција + 1)
- Претседател на ИНТЕГРА
– Претседател се избира со мандат од 4 (четири) години, со право на два ре-избора
- Потпретседатели на ИНТЕГРА – 3 (три)
– Потпретседателите се избираат со мандат од 4 (четири) години, со право на два ре-избора (истиот сооднос се однесува на сите партиски функционери)
- Етички совет (7 членови)
- Стратегиски Совет (24 членови)
- Претседател на Стратегиски совет
- Генерален Секретар
- Организационен Секретар
- Меѓународен Секретар
- Организација на жени
- Организација на млади
- Општински и месни комитети
Член 15а
Органите на партијата се со мандат од 4 (четири) години, освен кога не е поинаку уредено со правилници на органите на партијата. Во случај на постоење на вонредна/кризна состојба или посебни вонредни околности, претседателството го овластува Претседателот на партијата да предложи Комисија со вонредни надлежности од 5 (пет) члена плус дополнителни 2 (два), по потреба. Под вонредни надлежности се подразбира:
– подготовка, организирање и спроведување на вонредни мерки и инструменти за водење на политиките и континуитет на партиските активности,
– носење на одлуки и решенија неопходни за непречено функционирање на партиските органи и тела и
– воведување на иновативни форми за функционирање на партиските форуми (Конгрес, седници на ЦК, Претседателството и Комисиите – дигитални, онлајн и сл.) и други работни тела во услови на неможност за физичко присуство.
ЕТИЧКИ СОВЕТ
Член 16
а) Во рамки на ИНТЕГРА се формира етички совет како дополнително партиско тело.
б) Етичкиот совет ќе изготви етички кодекс на однесување и делување на сите партиски членови и функционери како и на сите јавни функционери предложени или избрани од страна на ИНТЕГРА.
в) Составот, надлежностите и правилата на функционирање на етичкиот совет се дефинирани во посебен правилник за етички совет. г) Правилникот од ставот “в“ за етичкиот совет е составен дел на овој статут.
ФИНАНСИРАЊЕ, СОПСТВЕНОСТ И
ВНАТРЕШНА КОНТРОЛА
Член 17
ИНТЕГРА се финансира од:
- Доброволни прилози;
- Подароци;
- Оставини;
- Членарина;
- Приходи од буџетот на Републиката и
- Други приходи
Член 18
ИНТЕГРА може да има сопствен имот
Со имотот на ИНТЕГРА управува претседателот
Со имотот на ИНТЕГРА располага Централниот комитет
Член 19
Прашањата кои не се уредени со овој статут можат да се уредат со општите акти на органите на партијата.
Општите акти од претходниот став ги донесуваат органите на партијата.
Член 20
Во рамки на партијата постои и функционира Институтот ИНТЕГРА – Институт за доблесна и вредносна политика, и е составен дел/членка на партијата, а меѓусебните односи на правно функционирање се регулирани согласно позитивните законски прописи во Република Македонија.
Член 21
Надлежностите на Институтот ИНТЕГРА се:
– подготовка на анализи и извештаи;
– спроведувања на истражувања за партиски цели ;
– спроведување на анкети за утврдување на јавното мнение; – советодавно учество во подготовка на програмските документи и одлуки;
– организација на конференции, семинари, презентации, партиски промоции и академии за обука;
– остварува меѓународна соработка и лобира членство во меѓународни идеолошки сродни организации, алијанси и форуми и обезбедува присуство на меѓународни настани, конференции и посети и соработка со сродни политички партии од регионот и пошироко;
– организирање на маркетинг кампањи, трибини, средби со граѓани; – помага во останати административно – технички работи согласно потребите на партиските органи.
ГАСЕЊЕ НА ПАРТИЈАТА И РАСПОЛАГАЊЕ СО
ИМОТОТ НА ПАРТИЈАТА
Член 22
Во случај на престанок на функционирање на ИНТЕГРА, одлука за пренесување и располагање со имотот на ИНТЕГРА донесува Претседателството.
Во случај од претходниот став, Претседателството именува лица кои ќе ја спроведат постапката за гаснење на партијата.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 23
Се овластува Претседателот на партијата д-р Љупчо Ристовски со Адреса на живеење: Јабланица 101 А – ЕМБГ XXXXXXXXXXXXX, да изврши упис на партијата во судски регистар.
Член 24
Органите на партијата ќе се конституираат во рок од 6 месеци од денот на регистрацијата на партијата, освен Претседателството кое започнува со работа непосредно по судската регистрација на партијата.