Соопштение по повод Изјавите на американската амбасадорка во Македонија околу Преспанскиот договор
ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА, со особено внимание ја следеше изјавата на Н. Е. Амбасадорката на САД во Република Македонија Кејт Мери Брнс, особено оној дел што се однесува на Преспанскиот договор.
Кејт Мери Брнс е амбасадор на нашиот стратешки партнер САД, доаѓа од земја каде што слободата, почитувањето на човековите права и демократијата се столбовите на кои е изградена Америка, а токму Преспанскиот договор е донесен спротивно на фундаменталните принципи на Американското општество.
ИНТЕГРА потсетува дека Преспанскиот договор беше донесен врз основа на лаги, од ликови во Македонската политика кои во предизборниот период се колнеа во спротивното; донесен е спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија, за што експлицитно говори неуспешниот референдум; потпишан е од страна на политички ликови кои согласно Уставот на Република Македонија немаат таква надлежност; донесен е со скандалозно гласање во Собранието, со коруптивно пазарење со пратеници од опозицијата кои беа под судски прогон, што како факт го призна и актуелната министерка за правда.
Токму од овие причини Преспанскиот договор на Македонската нација и е наметнат и спротивен на принципите на слободата, човековите права и демократија, нешто што добро го знаат Македонските граѓани, но и нашите пријатели во САД и во ЕУ.
И покрај пресудата од Меѓународниот суд во Хаг за тоа кој ја крши времената спогодба меѓу Македонија и Грција, освен национално понижување и отстапки по сите линии од страна на Република Македонија, а ниту една од страна на Грција, до денес не видовме никаков бенефит од Преспанскиот договор. ИНТЕГРА исто така потсетува дека согласно чл 7.2 од тој срамен договор, на Грција и се даваат Македонија и Македонски како дел од Хеленската цивилизација, историја, култура и наследство и тоа од сега па назад во историјата до античко време, што во историски контекст подразбира велепредавство на државата и нацијата.
Грција во сопствената историја до 1989 година нема пример да користи Македонија и Македонски како свое културно наследство во сите сфери на живеењето.
Ако некој бара “јадници” (deplorables) може да ги најде во актуелната политичка елита кај нас, но нема да ги најде во Македонците, како што ги нема ниту во САД.
ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА сака Република Македонија да ја изградиме во успешна земја врз принципите на владеењето на правото, слободата, човековите права, демократијата, врз истите принципи на кои се изградени САД и другите напредни земји.
Од тие причини сакаме да видиме како Н. Е. Амбасадорката Кејт Мери Брнс промовира и подржува токму такви општествени принципи и вредности, а не спротивни на тие, како што е случај со Преспанскиот договор со кој се поништува правото на самоопределување на македонскиот народ.