Соопштение – протест до Американската амбасада во Македонија

Соопштение – протест до Американската амбасада во Македонија

 

ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА жестоко се противи на навредливиот
однос и речник на Марк Грин, администратор на Американската агенција за меѓународен
развој УСАИД, кој во твитот за посетата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово,
се обрати на до сега непозната популација „Северни Македонци„ за по неколку часа да се
коригира и да замени со „народот на Северна Македонија„.

Ние Македонците, македонскиот народ сме носечкиот столб на државноста во Република
Македонија, нашата татковина е круна на вековниот стремеж и борба на Македонецот за
национална слобода и своја држава. Во Втората светска војна дадовме 100.000 борци
рамо до рамо со сојузниците и 40.000 жртви за слобода и своја држава. Македонија
самостојно се ослободи од окупаторот, без интервенција на странски сили од надвор.
Затоа не прифаќаме ваков навредлив вокабулар!

Ако властите дозволија промена на Уставното име на Република Македонија, без
експлицитна согласност на Македонските граѓани, Македонците никому не му дале право
да чепка и да менува во тоа што е свето човечко право, правото на чувство на национална
припадност.

Бараме промена на таквиот дискриминирачки и навредив вокабулар и јавно извинување
до Македонскиот народ, бидејќи Македонецот е Македонец на Север исто колку што е и
на Југ, Исток или Запад од неговата држава.

Македонците што живеат и работат во Америка, за овој инцидент со протестна нота ќе се
обратат до Стејт Департментот, како и до првите луѓе на УСАИД во Америка.

Ние како ИНТЕГРА – МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА, цврсто стоиме на нашата
заложба да го издигнеме односот помеѓу САД и Република Македонија на ниво на
стратегиски договор, меѓутоа тој договор мора да биде заснован на меѓусебно
почитување на правата на другиот.